Во ликовната галерија при ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп од денеска (17.6. до 1.7.2021) отворена е изложба на дела од м-р Владимир Темков, кој пред прилепчани се претставува со 22 дела од циклусот „Бојата на небото и водите во Тиквешијата“.
Академик Блажо Боев за творештвото на Темков забележува
„За Темков, сите нешта на светот се исти, но и сите се различни со своите пројавувања. Формите,сместеноста во просторот, боите,нијансите, визијата на светлината, поврзаноста на суштествувањето со оргиналноста, развитокот на допадливоста – тоа за нас значи на различни начини, иако алични, да им се восхитуваме на енергијата и на убавината на егзистенцијата. Тоа е вруток на сликартството, како и на сета уметност, наука и филозофија, но пред се на уметноста, најпрвин на нејзините визуелни изблици и дела. Темков зборува за убавината на природата на Тиквешијата .Во неговите платна и графики ги изразува искуствата од детство, младост, растење – се до денес. Во сликите се отсликуваат житата, растенијата, онака како ги доживува, вознесено, чудни разубавени, со голема важност. Тиквешијата е инспирација, таа е израз на убавина за Темков. Птиците се посебна тема во уметноста на Темков. Во психологијата постои еден тест, во кој треба да наведете три животни кои први ке ви паднат на ум. Само мал број ги избираат птиците. Но, сите кои ги избрале станале уметници. Птиците, суштества кои имаат стремеж кон небото и височините, слободата. За крај, овој човек, кој за себе вели дека е дете на својот крај, не потсетува преку неговите дела да не ги бараме чудата и убавините и укарасите на овој свет надвор од нас, туку тие се до нас и во нас. Затоа што, ние сме суштества на убавината, уметноста е украс на светот…..“
Владимир Темков е роден во Кавадарци. Средно уметничко училиште, Педагошка академија и Факултет за ликовни уметности завршува во Скопје, каде и магистрира. Реализирал бројни самостојни изложби во земјата и во странство, а бил дел и од голем број на групни претставувања.