Црвен крст: Дарувај крв и придонеси светот да продолжи да се движи


Црвениот крст по повод Светскиот ден на крводарителството се приклучи кон глобалната кампања за промоција на крводарителството под мотото „Дарувај крв и придонеси светот да продолжи да се движи“.

Заедно со Институтот за трансфузиска медицина денеска им додели плакети на министерствата за здравство, за внатрешни работи и за одбрана во знак на благодарност за досегашната соработка, кои ги примија првите луѓе на овие институции министрите Венко Филипче, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска Јанковска.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити истакна дека во светот годишно се собираат 118 милиони крвни единици и доколку пет отсто од вкупното светско население би дарувале крв, тогаш сигурно би биле обезбедени потребните количества во светски рамки.

„Пристапот до безбедна крв за сите оние кои имаат потреба и натаму останува највисок императив на земјите во светот, па и кај нас. Во текот на пандемијата со КОВИД-19 и покрај ограничената мобилност и другите предизвици кои таа ги донесе, дарителите на крв продолжија да даруваат крв и плазма за пациенти на кои им е потребна трансфузија. Овој извонреден напор за време на пандемија, ја нагласува клучната улога на добро организираните, посветени, доброволни и неплатени дарители во процесот на снабдување со крв во тековни и вонредни околности“, велат од Црвен крст.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира