Народниот правобранител Насер Зибери денеска пред медиумите рече дека чека одговор од Министерството за внатрешни работи за проблемите околу издавањето на лични документи и на регистарски таблички за возила. Како што соопшти денеска народниот правобранител Насер Зибери, пристигнати се и индивидуални претставки од граѓани по кои ќе се постапува.
Омбудсманот побарал од внатрешната контрола во Министерството за внатрешни работи да ги лоцира проблемот и одговорноста, и соодветно да извести во рок од осум дена.
„Во текот на оваа недела имавме јавни обраќања за свидетелства и за личните документи. За дел од проблемите за регистарските таблици има индивидуални преставки, но и по службена должност отворивме предмет. Констатиравме дека граѓаните се ставени во незавидна ситуација и им се ускратуваат елементарни права за управување со своите возила и напуштање на земјата“, рече Зибери.
Граѓаните веќе два месеци имаат тешкотии да закажат термин за вадење на лични карти и пасоши, а повеќе од три месеци не може да извадат ниту регистарски таблички.