Поранешниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, зборуваше на форумот за Западен Балкан во Сараево. Тој потсети дека секоја земја од Западен Балкан има поставено стратешка цел – членство во Европската унија.
За Македонија тој истакна дека земјата не може да направи ниту еден чекор напред 12 години и потсети на барањата на Грција, Франција и Бугарија, кои, како што рече, „немаат никаква врска со пропишаните критериуми од страна на Европската комисија потребни за започнување на преговорите“.
Црвенковски забележува дека процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ е многу бавен, скоро „запрен“, па спомнува и алтернатива од таа стратегија за ЕУ интеграција.
„Што ако сме принудени, а не по своја волја, да бараме алтернативи. Да не бидам погрешно разбран, јас не ги разбирам Истокот или Далечниот исток како алтернатива“, рече Црвенковски, објаснувајќи дека земјите од регионот „треба да ги европеизираат сопствените земји со свои капацитети“.