Министерката за образование Мила Царовска најави изучување на медиумска писменост и критичко размислување во прво и четврто одделение.
„Oбразованието треба да создава граѓани што се отпорни на лажни вести. Токму затоа со новата Концепција за основно образование, од наредната учебна година во прво и во четврто одделение започнува да се учи медиумската писменост и критичното размислување. Тие ќе бидат интегрирани во сите предмети, Не може да се справиме наеднаш со феноменот со кој се бори целиот свет, но сметаме, како Влада и како МОН, заедно со нашите партнери, дека ако создадеме генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажни вести ќе бидеме поподготвени за битка со лажните вести и за превенција на кризни ситуации креирани со лажни вести“, изјави Царовска.
Со вклучувањето на медиумската писменост во формалното образование учениците уште од најрана возраст ќе учат да пребаруваат, издвојуваат и користат информации од медиумите, но и да ги проверуваат и откриваат лажните вести, велат од МОН.