Како безбедно и правилно да вежбате на високи температури?


Високите температури што ги имаме моментално, може навистина да влијаат на повеќе аспекти од живеењето.

Еден од нив, можеби и оној кој најмногу е отежнат поради топлината, е вежбањето. Без разлика дали истото го практикуваме дома, на отворено или во теретаните, жешкото време го попречува редовното вежбање. Доколку не сме внимателни и вежбаме во несоодветен период од денот кога е навистина топло, или пак на отворено, може навистина да се јават одредени проблеми. Но, тоа не значи дека треба целосно да запреме со вежбањето, бидејќи постојат одредени начини и совети за подобро справување со температурите.

Како влијаат високите температури на телото?

Топлото време може да влијае на телото на разни начини и истото станува опасно кога изложеноста е подолга. Во прв момент, топлината може да предизвика дехидрација, а во посериозни случаи и топлотен удар. Дури и поблага форма на дехидрација е заслужна за промена во когнитивните функции и расположението. Ваквите состојби се штетни и може да бидат сериозни.

По подолга, повторувачка изложеност (неколку дена), екстремните температури може да делуваат врз функционирањето на внатрешните органи и особено да се отежне функцијата на кардиоваскуларниот систем.

Важно е да се напомене дека топлото време влијае различно на популацијата. Децата, повозрасните, бездомниците и луѓето со веќе постоечки кардиоваскуларни проблеми имаат зголемен ризик за појава на здравствени проблеми поради топлината. Некогаш луѓето не се свесни дека премногу долго биле изложени на сонце или на висока температура, бидејќи симптомите се јавуваат кога е веќе доцна.

Состојби кои може да се јават поради долга изложеност на високи температури

Подолг престој на топло време, без доволен внес на течности и со прекумерно потење, може да предизвика низа на проблеми:

Колапс – чувство на вртоглавица или пак губење на свеста, поради високите температури. Ова може да се јави и по завршување на вежбањето, особено кога нагло запираме после некој тип на кардио вежба – трчање или сл.

Изнемоштеност – се јавува кога недоволно ефективно телото ја намалува телесната температура. Истата може да порасне и до 40 степени, пропратена со лошење, повраќање, слабост, главоболка и сл. Доколку истата не се третира може да премине во топлотен удар.

Топлотен удар – состојба која може да биде животно-загрозувачка. Се јавува кога телесната температура е над 40 степени, а дел од симптомите се лошење, конфузија, губење на свест, повраќање и сл. Ваквата состојба бара итен и навремен медицински третман, бидејќи може да предизвика штета на мозокот, останатите внатрешни органи и во сериозни случаи и смрт.

Вежбање на повисоки температури

Покрај набројаните проблеми кои може да се јават поради топлото време, самата физичка активност е дополнителен и значителен ризик фактор. Вежбањето кога е топло, го става телото под дополнителен притисок и стрес. Самото движење генерира топлина, а тоа во комбинација со температурата на воздухот и влажноста, може да биде доста проблематично и опасно.

Доколку влагата во воздухот е голема, потта не може лесно да испари од кожата и на тој начин ефективноста со која таа го лади телото е намалена. На овој начин телото произведува дополнителни количества пот, а притоа температурата на телото може да продолжи да расте.

За да ги избегнеме ваквите состојби, важно е да ги забележиме предупредувачките знаци кои телото ни ги дава. Тие најчесто се: грчеви во мускулите, лошење, слабост, умор, главоболка, прекумерно потење, вртоглавица, куонфузија, низок крвен притисок, покачен пулс.

Совети и начини за здраво вежбање на топло време

 1. Внимавајте на температурата – погледнете ја прогнозата и температурата која се очекува во периодот кога сакате да вежбате. Доколку вежбате на отворено, особено внимавајте на температурата и влажноста на воздухот.

2. Аклиматизирајте се – доколку најчесто вежбате на затворено, а сега планирате надворешна активност, дадете му време на телото да се привикне на високата температура надвор. Ваквото адаптирање може да трае и неколку недели и затоа е битно да не претерувате уште од самиот почеток и постепено да го зголемувате интензитетот на физичката активност.

3. Проценете си ја кондицијата – доколку ретко или воопшто не вежбате, бидете особено внимателни при вежбањето на високи температури. Вашето тело може да има намалена толеранција и подготвеност за ваквите активности. Правете чести паузи и внимавајте на интензитетот со кој вежбате.

4. Пијте доволно течности! – една од најважните навики при вежбањето. Дехидрацијата може навистина брзо да настапи, па така неопходно е зачестено да пиете вода и тоа во поголеми количини. Важно е да сте доволно хидрирани во текот на целиот ден, а не само пред или по вежбањето.

Со добра хидрираност, телото може полесно да ја контролира температурата преку потењето. Доколку навистина многу се потите, надокнадете со зголемен внес на вода. Обичната вода може да ја замените и со некои спортски пијалоци кои содржат  додадени минерали и соли што обемно се губат преку потта. Внимавајте ваквите пијалоци да немаат додадени шеќери.

5. Избегнувајте ги најтоплите периоди и носете соодветна облека

Настојувајте да вежбате рано наутро или во приквечерните часови, по можност во делови кои се на сенка. Внимавајте на сонцето, носете крема со заштитен фактор и лесна, поширока облека. Избегнувајте ги темните бои и задолжително заштитете ја главата со капа.

6. Размислете за физичка активност која вклучува вода

Пливањето или било каква активност во вода може да биде лесен и освежителен начин за вежбање во летото. Освен пливањето постојат бројни вежби кои може да ги изведете во вода, а истите даваат значителен бенефит по здравјето.

Извор: Доктор Митов

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи