Два дена пред ригорозните мерки – Владата организира прослава за 20 годишнината на рамковниот договор со 300 гости, а цената за прославата чини половина милион евра.
Првиот вицепремиер, Артан Груби рече дека 30 милиони денари за прослава на овој јубилеј не е висока цена во однос на придобивките и најави и низа други настани по 13 август.
„Цената е таа, но не мора да значи дека тоа ќе го исплатиме на крај затоа што се работи за настани што ги организираме веќе еден месец, а ќе продолжат и по 13 август. Не се работи само за 13 август, туку за повеќе и ќе видиме на крај кои се трошоците, но секако овој трошок нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор, а тоа е траен мир, инклузивно општество, земја во НАТО и со европска перспектива. Во тоа голем удел има и Охридскиот рамковен договор“, рече Груби на Канал 5.
Тој убедува дека и покрај тоа што се најавени 300 гости за централната манифестација нема опасност короната да се шири меѓу нив.
Според тендерската документација две тетовски фирми го зеле тендерот за организација „Арбериа десинг за продукција и маркетинг“ и Агенцијата за туризам „Еуро турист“.
Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Груби барало да се обезбеди хотел со хала со капацитет од 300 гости, опрема за озвучување, да има спа центар и сеф во секоја соба, храна и пијалоци, авиобилети, изработка на видеа, нивно размножување и печатење.
Во тендерската документација е наведено дека пристигнувањето на патниците и нивното тргнување не треба да биде среде ноќ и дека во цената влегува економска класа и багаж до 23 килограми.
„Конекциите за одделните дестинации да бидат со колку што е можно помалку време на чекање, со директни врски и без непотребни префрлања и чекања. Пожелно директен лет“, се вели во тендерската документација.
Гостите е предвидено да бидат сместени во хотели во и надвор од Скопје, а хотелот треба да биде со категоризација од 5 ѕвездички и да располага со сала за фитнес и спа центар. Во однос на транспортот гостите ќе се возат во автомобили кои не се постари од 7 години.
Еден од условите на тендерот е фирмата која ќе врши транспорт на гостите да поседува минимум 7 патнички возила од кои минимум една лимузина.