Откажан е големиот концерт по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор, соопшти првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.
„Согласно со програмата за одбележување на Рамковниот договор предвиден е огромен концерт на плоштадот „Македонија“ во Скопје, вечерта на 13 август, што Министерството за политичкисистем реши да го одложи и да не се одржи, поради новите состојбите со коронавирусот. Со тоа покажуваме дека сме доблесни и дека разбираме и ги откажуваме сите можни манифестации, каде што има ризик од зараза, изјави Груби во Тетово, каде што на Универзитетот на Југоисточна Европа се одржа панел-дискусија по повод 20 годишнината од Охридскиот договор.
Груби тврди дека централниот настан по повод јубилејот ќе се одржи во сала за 1 500 луѓе, во која ќе има до 200 гости, со маски и на дистанца од 1,5 метар.
„Не ја разбирам оваа масовна хистерија по социјалните мрежи и се надевам дека не се однесува на Охридскиот договор и на неговата имплементација“, вели Груби.