Училиштата се подготвени за сите сценарија за учење кои треба да се спроведат во учебната 2021/2022 година.
Одлуката за започнување со физичко присуство е во интерес на учениците затоа што наставата со физичко присуство нема замена, не само заради процесот на учење и социјализација, туку и заради заштита на нивното менталното здравје, изјави денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска.
„Сите ние сме родители и сите ние бевме сведоци дека нашите деца учеа во минатата учебна година, но бевме сведоци и дека им недостигаа другарчињата, им недостигаа наставничките и токму таа среќа ја враќаме во очите на децата. Но, ја враќаме и среќата на наставниците, затоа што тие не се целосни доколку не се во училница, не се со своите ученици и не го пренесуваат најдоброто знаење коешто го имаат затоа што тие ги создаваат генерациите коишто треба да ја водат државата, рече Царовска која беше во посета на основното училиште „Лирија” во Општина Чаир.
На ден пред новата учебна година, министерката им посака среќа на сите ученици и наставници, и препора доследно да се почитуваат протоколите.
„Учењето со физичко присуство е предизвик во време на пандемија, но минатата година како држава, како Влада, како Министерство, како Општини, покажавме дека можеме и дека знаеме да ги почитуваме протоколите и немаше ниту еден случај на интерна трансмисија. Јас очекувам и оваа година да биде така. Бројките ќе паѓаат и ќе се зголемуваат, тоа е период на пандемија и сите сме тука не затоа што сакаме, туку затоа што мораме, но образовниот процес мора да продолжи и во време на пандемија“, рече Царовска.
Од една страна, според Царовска, ќе го заштитат образованието и образовниот процес, од друга страна имаат обврска да го заштитат јавното здравје.
Претставникот на УНИЦЕФ во Република Македонија, Патриција Ди Џовани посочи дека е многу важно што мината година кога се појави пандемијата нашата земја се борела да се приспособи на ситуацијата како и целиот свет.
„Во светот многу научивме но има уште многу да се учи од пандемијата. Многу ми е мило дека сите препораки се аплицирани во земјава и училиштата, и се надевам дека и другите мерки кои беа предложени ќе се спроведат. Можеме да видиме дека протоколите се аплицирани во училиштето Лирија во Чаир“, рече Патриција Ди Џовани.