Споделување факти и отфрлање на сите митови или заблуди, е фокусот на годинашната глобална кампања по повод Светскиот ден на борба против беснилото, 28 Септември, соопшти Ветеринарната комора на Република Македонија.
Комората апелира сопствениците редовно да ги вакцинираат домашните миленици, кучињата и мачките. Вакцинацијата против беснило, нагласува, е со Закон утврдена обврска и гарантира превенција од оваа тешка и смртоносна заразна болест.
„Корона пандемијата покрена многу сомнежи и заблуди за болестите, нивното ширење и за вакцинацијата воопшто. Поради ова, имаше одредено двоумење во врска со воведувањето на вакцините за КОВИД-19 во многу земји и многу луѓе се плашат да се вакцинираат. За беснилото, ова не е ништо ново, бидејќи стравовите, заблудите и дезинформациите за болеста и нејзината превенција датираат стотици години наназад. Од таа причина, оваа година темата е фокусирана на споделување факти за беснило, а не ширење страв за болеста врз основа на дезинформации и митови. Затоа, низ процес на информирање и едукација, ние, ветеринарните лекари сме должни да помогнеме да се споделат точни факти, бидејќи одлуките за контрола на беснило во нашата земја се базираат на точни и најсовремени информации. Со споделување факти за придобивките од вакцинирање на вашите животни против беснило можеме да ги отфрлиме сите митови за вакцинација и да се осигураме дека сите се заштитени, а болеста е елиминирана“, истакнува Комората.
Во рамки на одбележувањето на 28 Септември, денеска, во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство се одржа тркалезна маса на која професионалците од ветеринарната и хуманата медицина дискутираа за беснилото од сите аспекти. Како што беше заклучено, единствениот начин на кој може да се елиминира беснилото, е преку заедничка работа и обединување кон заедничката цел – нула жртви од беснило до 2030.
Мотото на годинашната глобална кампања е „Беснило: Факти, а не страв”. Светските статистики покажуваат дека секои девет минути некој умира од беснило или годишно, битката со оваа болест ја губат 70.000 луѓе.