Во моментов со состојба од 4-ти октомври, обврзници кои немаат исплатено плата за месеците август и септември се 5713 фирми, информира денеска на прес-конференција, директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.
Според неа, бројката на вработени кои не добиле плата е 14829 граѓани.
„До сите овие обврзници се доставени опомени и согласно нашиот календар на активности – денеска или првиот работен ден по празникот, ќе треба да бидат доставени и блокади“, рече Лукаревска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Таа посочи дека е спроведена присилна наплата кај сите компании што ја злоупотребија државната помош кои, како што рече, беа објавени јавно и транспарентно од страна на Генералниот секретаријат на Владата, бидејќи тие беа исплатувачи на средствата од финансиската помош за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19.