Врнежите во последните неколку дена генерално имаат позитивно влијание и придонесуват за подобрување на хидролошката состојба во земјава и за земјоделските посеви. Центарот за управување со кризи (ЦУК) препорачува внимателно движење покрај суводолици и реки и за да не дојде до појава на поплави ги предупредува надлежните институции и граѓаните да бидат внимателни.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на денешната прес – конференција информира дека вчера имале координативен состанок со сите надлежни, со претставници од АД Водостопанство, Хидрометеоролошкиот завод и на други инститиции и ја разгледале состојбата со одводните канали.
„Заклучокот е дека најголем дел од примарните канали се исчистени, останува мал дел од нив да бидат исчистени. Секундарните канали, добар дел од нив се во добра кондиција и се исчистени, но се работи на нивно понтамошно чистење. Додека локалните канали, кои поминуваат низ населени места, состојбата некаде е многу лоша и не би можеле да ја прифатат надојдената вода доколку дојде до пообилни врнежи“, рече Ангелов.
Апелира надлежните институции да продолжат со ваквото чистење и во следниот период за, како што рече, да не бидеме изненадени од евентуални обилни врнежи.