Емил Јанески, досегашниот претседател на ФК „Победа“ се откажа од овластувањето за потпишување документи за ФК „Победа“ АД Прилеп. Како причина за неговото заминување тој вели дека со оглед на тоа што тој бил поставен за прв човек на Победа на иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски, а во меѓувреме се случиле промени во раководството на локалната самоуправа чувствува морална одговорност да се одповика од прв човек на ФК „Победа“.
„Почитувани мои сограѓани љубители на спортот во Прилеп, навивачи на прилепската гордост ФК Победа, чуствувам обврска да ве информирам дека од денес се откажувам од овластувањето за потпишување документи за ФК Победа АД Прилеп. Во април 2021 година ФК Победа АД Прилеп беше во исклучително тешка финансиска положба, со долг од околу 110 илјади евра и со лош фудбалски статус. ФК Победа на пет кола до крајот се соочуваше со испаѓање од втората Македонска фудбалска лига исток, па неопходно се наметнуваше потребата од помош на нашата гордост од сите оние кои му мислат добро на спортот во Прилеп, а посебно на фудбалскиот клуб Победа. Истовремено, ФК Победа беше надвор од фудбалскиот прилепски храм стадионот “Гоце Делчев” и своите натпревари ги одигруваше или на стадионот лоциран до Могилата на Непобедените или на стадионите во соседните градови.
Од тие причини градоначалникот на општина Прилеп д-р. Илија Јованоски свика координација со актуелни фудбалски работници од општинскиот фудбалски сојуз и познати фудбалски имиња од нашата општина. Така формираното координативно тело донесе одлука за прв човек на Победа да бидам поставен јас, а Гешоски Благоја за спортски директор на фудбалскиот клуб. Во периодот додека јас бев овластен потписник на документите на фудбалскиот клуб Победа, нашиот миленик Победа најпрво обезбеди опстанок во втората Македонска фудбалска лига исток, врзувајќи три победи по ред. Најпрво беше совлададан директниот конкурент за опстанок Плачковица во Радовиш, потоа Росоман и на крајот Осогово во Кочани со што ФК Победа и формално оствари опстанок во лигата. Во меѓувреме долгот на фудбалскиот клуб значително го намаливме а Победа се врати во својот дом, храмот на фудбалот, градскиот стадион Гоце Делчев во Прилеп.
Во новата сезона стартувавме со големи амбиции и во овој момент фудбалскиот клуб Победа е на второ место на табелата, со еден бод заостанување од лидерот Саса од Македонска каменица по одиграни седум кола од втората фудбалска лига исток. За цел овој период работев искрено, посветено и со срце за ФК Победа без никаков финансиски надомест и не дозволив никакво мешање на политиката во спортот, зошто само така спортските клубови во нашиот град можат да имаат успех. Мегутоа, промените се составен дел од животот. ФК Победа иако формално правно е акционерско друштво, таа во голем дел зависи од локалната самоуправа особено на финансиски план. Иако е обезбедена финансиска конструкција значително подобра во споредба со минатите години, сепак таа е недоволна без подршка на општина Прилеп. Со оглед на тоа што јас бев поставен за прв човек на Победа на иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски а во меѓувреме се случија промени во раководството на локалната самоуправа чуствувам морална одговорност да се одповикам од прв човек на ФК Победа.
Шансата е голема. Победа има силен состав и несмее да си дозволи оваа година да не влезе во првата Македонска фудбалска лига, онаму каде што и е местото. Со надеж дека тоа ќе се случи, со огромна љубов ќе продолжам да бидам навивач на ФК Победа. Им се заблагодарувам на моите соработници во фудбалскиот клуб и му посакувам многу среќа во престојниот дел од сезоната. Со душа и срце за Победа ЗАСЕКОГАШ!“
– Емил Јанески