Вкупните буџетски расходи идната година ќе изнесуваат 272,4 милијарди денари (околу 4,43 милијарди евра), или 35,2 отсто од домашниот бруто-производ, додека вкупните приходи се проектирани на 238,9 милијарди денари (или околу 3,8 милијарди евра) односно 30,9 отсто од БДП.
Буџетскиот дефицит е предвиден во износ од 33,5 милијарди денари или околу 544,4 милиони евра (4,3 отсто од БДП).
„Разликата меѓу расходите и приходите ќе се пополни со задолжување од домашни и странски извори, при што за таа цел покрај постојните видови обврзници. ќе се издаваат и четири видови нови – развојни, зелени, проектни и индексирани со инфлацијата“, изјави на денешната прес конференција министерот за финансии Фатмир Бесими.
Според Бесими, главната одлика на овој буџето е што тој ќе биде развоен, ќе се користи за поддршка на капиталните расходи, односно на капиталните инвестиции, кои се предвидени во износ од 37,8 милијарди денари.
Тој рече дека буџетот и идната година ќе остане ликвиден и дека исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци ќе биде редовна и навремена.