ВИДЕО- Работодавачите да инвестираат во надоградување на домашните работници, а не да се увезува работна рака, работниците пак постојано сами да се усовршуваат

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Пазарот на труд во Македонија се соочува со парадоксална состојба. Од една страна имаме 10.000 слободни работни места, а од друга 90.000 луѓе се водат како невработени. Според експертите причина за ова е квалификуваноста, односно неквалификуваноста на граѓаните на потребите на пазарот на труд.

Ако ја разгледаме структурата на невработените можеме да заклучиме дека околу 2/3 се долгорочно невработени, 1/4 се лица без основно образование или најмногу завршено основно образование, што значи дека станува збор за неатрактивна понуда за пазарот на трудот, и лица кои можат доста тешко да ги пополнат слободните работни места. Од друга страна, слободните работни места се главно во дејности кои или имаат сезонски карактер, или пак бараат вештини кои се во склад со новите технолошки промени како современи дигитални, зелени вештини итн“, изјави Димитар Николовски, универзитетски професор – Економски факултет Прилеп.

Исто така голем дел од работната сила во Македонија се карактеризира со сезонска флуктуација. Само за 2025 Хрватска има издадено над 12.000 работни дозволи за наши граѓани. Затоа според универзитетските професори работодавачите треба да инвестираат во своите работници, добро да ги платат, да ги обучуваат, за да во иднина не се потпираат на увоз на работна рака која е само краткорочно решение.

Сведоци сме дека во последно време имаме и таканаречени економски мигранти, или лица кои доаѓаат од други странски земји на нашиот пазар на труд за да ги пополнат дел од слободните работни места. Тоа се најчесто работи во доменот на градежништвото, рударството, земјоделието, услужните дејности пред се итн. Но, сепак нашите компании би требало да размислуваат долгорочно, врз основа на градење на капацитетите на домашната работна сила“, додаде Николоски.

Според Регионалната стопанска комора потребни се реформи во образованиот процес кои ќе донесат кадри кои пак ќе соодветствуваат на барањата на компаниите.

Најпрвин продуцираме кадар кој не е адекватен за овие нови технологии кои излегуваат на пазарите, а со кои пак стопанството би можело да биде конкурентно на европските пазари. Од друга страна исто така имаме и неправилна прераспределба, на пример во поголемите градови се концентрирани поголемите фабрики од една страна и тие побаруваат таков тип на работници, а од друга страна во помалите места има слободни работници кои пак не сакаат да го сменат местото на живеење, односно да мигрираат кон места каде би можело да има работни места“, кажа Никола Мариноски, претседател на регионална стопанска комора Прилеп.

Исто така се упатува апел до граѓаните да практикуваат постојано надоградување на своите вештини за да ги следат модерните пазарни текови и побарувања.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци