Стопанската комора на Македонија бара да се воведе задолжителната вакцинација и во приватниот сектор. Како што соопшти денеска потпретседателката на Комората, Анета Трајковска, ова барање во вид на Иницијатива е веќе доставено до Владата.
„Jа поддржуваме задолжителната вакцијација во јавниот сектор, посебно во здравството, но сметаме дека вакцинацијата треба да биде задолжителна и во приватниот сектор како што прават повеќето европски земји, повикувајќи се на правото на работникот за заштита при работа. Мора заеднички да работиме на подигнување на степенот на имунизација, што е неопходно да се постигне во пократок временски период за да се спречат мутациите на вирусот. Затоа предлагаме мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат“, рече Трајковска на прес-конференција.
Според неа, вработените треба да бидат вакцинирани против КОВИД, да имаат потврда дека го прележале вирусот или да се тестираат и за тоа, кога ќе доаѓаат на работа, да приложуваат соодветен сертификат. Притоа, работодавачот, мора да води соодветна евиденција.
„Вработените треба да поседуваат и да приложат на увид сертификат/потврда за извршена имунизација против КОВИД (за примени најмалку две дози вакцина), како и сертификат/потврда за прележан КОВИД во последните шест месеци, сметајќи од денот на оздравувањето. За вработените кои не се вакцинирани или го немаат прележано вирусот да се предвиди воведување задолжително тестирање најмалку еднаш неделно со брзи антигенски тестови со само-тестирање или во државни или приватни дијагностички центри, како ќе одлучи работодавачот. Доколку работодавачот се одлучи за само-тестирање, тоа да се изведува во работните простории, а работодавачот да го одреди местото и времето на само-тестирање. Работодавачот треба да води евиденција на евидентен лист кој мора да го содржи датумот на тестот, резултатот од тестот (позитивен, негативен) и потпис на работникот“, објасни Трајковска.