Заев: Прва стратешка француска инвестиција во енергетскиот сектор, Соларен парк „Стипион“ еден од најголемите во Европа

Facebook
Twitter
Email
Print


Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати (MW). Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен, за македонската економија. Соларниот парк „Стипион“ ќе се гради во текот на 2022 година на локацијата која беше предвидена за изградба на карго аеродромот во Штип на површина од 452 хектари.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на денешната промоција на инвестицијата во присуство на амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, како и претставници на менаџментот на француската компанија „Акио Енерџи“.

Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција истакна дека оваа инвестицијата е најголемата француска инвестиција во земјата во последните петнаесетина години и додаде дека како што е  информиран и Претседателот на Владата, десетина француски компании, секоја од нив меѓународно позната, во моментот работат на своето позиционирање на македонскиот пазар.

Ерик Ското, претседател на компанијата „Акио Енерџи“ од Франција истакна дека проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра во пределот на општините Штип и Свети Николе.

„Голема чест е за „Акио Eнерџи“ што го помина процесот на селекција и што му беше доделен статус на стратешка инвестиција. Ова е всушност уште една демонстрација на силната врска меѓу Македонија и Франција, почестени сме што ја претставуваме француската инвестиција во вашата земја. Ќе работиме со сите релевантни чинители за да го изградиме најдобриот соларен проект на услуга на вашите граѓани. Како резултат на оваа инвестиција во земјава се инјектираат 620 GWh чиста енергија, заштедени се 380.000 тони CO2 годишно, а ќе се обезбедат над 94.000 домаќинства со чиста енергија. Дополнително креираме вработувања за локалното население“, рече Ското.

„Акио Енерџи“  основана е во 2007 година и е водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција. Располагаат со портфолио од над 1.100 MW на електрани од обновливи извори, главно фотонапонски електрани низ целиот свет.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи