По обилните снежни врнежи во делови низ Македонија за време на изминатиот викенд, дефектите со електричната енергија, како и поплавите, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов упати апел до граѓаните да ја следат временската прогноза и да избегнуваат да одат на повисоките места доколку се најавени обилни врнежи на снег.
„Што се однесува до чистењето на снегот, нашите капацитети како држава се ограничени, но после 25 години, пред неколку дена првпат се набавени 15 возила со снежен плуг и солар, со што е подновен возниот парк на ЈП за одржување на магистралните и регионални патишта. Исто така се набавени и три машини таканаречени утоварувачи коишто се користат при чистење на снег. Дел од возилата на ЈП за одржување на патиштата се застарени, некои се расипуваат на лице место, доаѓа до дефекти и тие застануваат чистејќи го снегот, потоа таму треба да биде испратена екипа која ќе ги поправи тие возила“, наведе Ангелов.
Тој додаде дека, од друга страна, граѓаните мора да бидат свесни дека ниту една дружава, па дури ни најмоќните држави на светот, не можат одеднаш да ги исчистат сите патишта, особено кога снегот постојано паѓа.
„Затоа и самите граѓани во овој зимски период треба да ја следат временската прогноза и доколку се очекуваат силни врнежи на снег да се избегнуваат повисоките места, кадешто снегот секогаш прави проблеми. Доколку било кој граѓанин на државата се најде во животнозагрозувачка состојба, од било кои причини слободно може да го побара бројот 195.Ние во согласност со нашите можности ќе преземеме мерки“, нагласи директорот на ЦУК.