Екипата на Манчестер Сити се запиша во историјата на Премиер лигата по победата над Хадерсфилд во 13. коло.
Од август оваа година, Манчестер Сити за првпат губеше на полувреме на еден натпревар. Англиските фанови се навикнаа да ги гледаат „граѓаните“ да доминираат и да редат победи како никој друг во Премиер лигата.
Автоголот на Отаменди во првиот дел против Хадерсфилд им даде нов предизвик на фудбалерите на Пеп Гвардиола – да прават пресврт за да ја продолжат победничката серија на стартот од новата сезона.
Со 37 од максимални 39 освоени бода, Сити го запиша најдобриот почеток на една сезона во историјата на Премиер лигата, кој му донесе осум бода предност пред второпласираниот Манчестер Јунајтед.
Екипата од синиот дел на Манчестер за сега има и импресивна гол-разлика, 42-8, а со 12 победи и едно реми, Сити е единствениот сè уште не поразен премиерлигаш.
Вреди да се истакне дека Сити сега е во серија од 11 последователни победи во Премиер лигата, како и во серија од 11 гостински победи во низа, во сите натпреварувања.