Претседателот на Србија, Александар Вучиќ утрово изјави дека договорот за единствените работни дозволи меѓу земјите во рамките на иницијативата Отворен Балкан најверојатно ќе почне да се применува од 1 јануари идната година и дека останува да се завршат само некои технички прашања, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој за РТС од Тирана изјави дека затоа денеска ќе се донесат одлуки за поврзување на електронски и други системи.
„Синоќа разговаравме и со господинот Димитар Ковачевски, кој треба да биде нов премиер на Македонија и тој е посветен целосно за отворен Балкан и ќе продолжиме тоа да го работиме. Ова го правиме со многу верба и енергија, бидејќи знаеме дека така ќе им олесниме на нашите граѓани“, кажа Вучиќ.
Вучиќ порачува и дека Отворен Балкан е отворен за сите кои би сакале да се придружат.
„Би сакал и сите други да ни се придружат. За нас би било страшно важно тоа да биде БиХ, се разбира и Црна Гора и приштинскиот дел. Посебно за БиХ, бидејќи денеска ќе зборуваме за тоа како преку електронско поврзување да се добијат попусти за граѓаните на Отворен Балкан. Ако имате попуст за граѓаните на Скопје, како е можно да немате попуст за граѓаните на БиХ“, праша Вучиќ.