По 9-ти пат во Крушево во организација на СОУ „Наум Наумоски – Борче“ се одржа манифестацијата насловена „Дева“ со која се најавува Христотово раѓање. Крушево е единствениот град во Македонија каде вечерва за Коледе не се палат Коледарски огнови, туку Божик се најавува токму со оваа манифестација, која тука опстојува со векови. Куриозитет е тоа што освен во Крушево вака овој ден, единствено во целиот свет, се одбележува уште само на неколу други места и Витлеем, во Израел, каде според преданието на црквата и е роден Исус Христос. Во манифестацијата „Дева“ учествуваат исклучиво млади момчиња, кои ја носат црвената Давидова ѕвезда шетаат низ Крушевските улици и ја пејат песната „Дево Дејане“, одат од куќа на куќа, а домаќините ги даруваат со пари.
„Овој празник има за цел да го одржи развојот на туризмот и наталитетот во Крушево, наталитетот се одржува преку шетањето со ѕвездата на машките деца и наговестувањето на раѓањето на Исус Христос, а исто така тие се дарувани со парични награди од крушевчани, а потоа тие парични средства ќе бидат наменети за првото родено бебе во Крушево помеѓу двете Деви“, истакна Марта Штерјоскка, ученик во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.
Оваа манифестација со текот на годините прерасна во вистинска туристичка атракција, така што овој настан го посетуваат и гости од околните градови. Овој обичај во Крушево го донесле печалбарите кои се враќале од Русија.
„Машки деца одат во своите парохиски цркви земаат благослов од својот парохиски свештеник и шетаат со црвената Давидова ѕвезда низ крушевските улици и куќи, а домаќините ги даруваат ѕвездоносците. Тие шетаат со пеејќи ја песната „Дева днес“, кондакот на рождеството христово. Така што овој празнуик е уникатен за Крушево и крушевчани, порано било многу помасовно ова одбележување, но сепак традицијата се одржува ии понатаму“, рече Сотир Марккоски, ученик во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.
Во оваа организација на манифестацијата освен СОУ „Наум Наумоски – Борче“ учествуваат и здруженијата за развој и поддршка на туризмот, здружението „Крушевска жена“, угостителите и изработувачите на традиционални ракотворби.