Од денес официјално започна со работа подрачната канцеларија на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Прилеп во Кривогаштани. Жителите на општината ќе може навремено да се информираат за права од социјална и детска заштита и достапноста на социјалните услуги на локално ниво.
Оваа заедничка иницијатива на јавната институција Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа – Прилеп, Општина Кривогаштани и ЛАГ АГРО ЛИДЕР ќе се надополнува со детектирање на предизвиците со кои се соочуваат жителите во селата, и креирање на идејни решенија кои ќе одговорат на реалните потреби и ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини.
Со поддршка на Австриското Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи преку проектот “Подобрување на пристапот до социјални услуги преку дигитализација и вмрежување” кој го спроведува Мрежата на Локални Акциони Групи на Австрија во партнерство со Мрежата на Локални Акциони Групи во нашата држава и ЛАГ АГРО ЛИДЕР ќе се даде придонес во обезбедување на информативна и советодавна поддршка за жителите на руралните заедници и непречен пристап до права, преку воспоставувањето на мобилни тимови кои ќе обавуваат теренски посети во руралните средини и со отворањето на подрачни канцеларии на Центарот за социјална работа – Прилеп во општина Кривогаштани.