Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), бара со зголемувањето на минималната плата, скалесто да се зголемат и другите плати, за да не дојде до крах на системот на плати во администрацијата и правосудството. Во спротивно најавија дека ќе влезат во генерален штрајк.
„Со новата вредност на минималната плата Владата првпат во историјата на Македонија, ќе направи цела група вработени во администрацијата кои досега беа малку над минималната плата сега да примаат само минимална плата. Со самото тоа, Владата ги омаложува и понижува своите вработени, и второ го зголемува процентот на вработени кои примат минимална плата на државно ниво од 13,8 проценти на скоро 18 проценти, изјави денес претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Едно од клучните барање на УПОЗ упатено до Владата е заедно со измената на Законот за минималната плата во скратена постапка да се направат измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството на начин што вредноста на минималната плата да се земе како основ на плата и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво. На овој начин, според нив, ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и прв пат во историјата ќе имаме усогласување на платите со минималната плата во администрацијата и правосудството.