Кои се обврските на невработеното лице спрема Агенцијата за вработување


Невработеното лице има обврска лично да се јавува во Агенцијата на секои 30 дена и да докаже дека активно барало работа во последниот месец, додека пак друго лице кое бара работа истото треба да го стори на секои шест месеци.

Невработениот кој нема да ја исполни ваквата обврска во рок од 30 дена по истекот на рокот на јавување утврден во индивидуалниот план за вработување, ќе се избрише од евиденцијата на невработени лица и истиот ќе може повторно да се пријави дури по истекот на една година, а сите корисници на права по основ на невработеност ги губат стекнатите права.

Невработеното лице кое од Агенцијата е упатено кај работодавач заради вработување и не се јави или одбие да заснова работен однос на соодветно или погодно вработување или одбие обука, преквалификација или доквалификација заради вработување, се брише од евиденцијата на невработените лица и може повторно да се пријави по истекот на една година.

Исто така невработеното лице кое не ги почитува преземените обврски во индивидуалниот план за вработување, се брише од евиденцијата на невработените лица.

Невработеното лице кое нема да ја извести Агенцијата за промените што влијаат за стекнување и губење на правата, а од страна на инспекцискиот орган ќе биде затекнат да работи спротивно на законот или пак ако одбие работно ангажирање за вршење на јавни работи, ќе се избрише од евиденцијата на невработените лица и може повторно да се пријави дури по истекот на една година.

Инспекцискиот орган за овие лица е должен писмено да го извести центарот за социјална работа и Агенцијата. Невработеното лице кое ќе биде затекнато од страна на инспекцискиот орган да работи спротивно на законот мора да знае дека со своето дејствие прави прекршок.

пишува: Здружение Достоинствен Работник

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи