Движењето за социјална правда „Обединети работници“, како здружение на граѓани кое делува во областа на трудовото и социјалното право во Република Македонија, ја изразува својата длабока загриженост во однос на ефектите од вештачкото зголемување на минималната плата.
Имено, иако е за поздравување зголемувањето на минималната плата, сепак тоа не е и не смее да биде финално решение од овој домен. Фокусирањето само на минималната плата, без да се земе во предвид зголемување и на другите плати, нешто што ќе донесе изедначување на професии кои не би смееле да бидат на исто скалило, ќе придонесе за енормна разочараност и револт помеѓу работниците.
Пензиите исто така мораме да ги споменеме, од причина што со порастот на инфлацијата не смее да се дозволи нивна стагнација и игнорирање на голготата на пензионерите. Тоа се луѓе кои го посветиле својот работен век вршејќи продуктивни работи и заслужуваат правилен третман од државата.
Сосема за крај, во никој случај не смее да се занемарат социјалните издатоци кои што се доделуваат на социјално загрозените лица. Порастот мора да се однесува и на овие лица со цел и тие да бидат правично опфатени со домино – ефектите од зголемувањето на минималната плата и инфлацијата во општеството.
Воедно, упатуваме сериозен апел до синдикалните организации, а особено КСС, КСОМ и ССМ, како и граѓанските организации, да се стават меѓусебните разлики во втор план и да се делува унифицирано во интерес на народот, да се делува вистински, а не манипулантски и опортунустички. Само сплотени можеме да извршиме притисок за подобрување на животот на народот.