Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски одржа средба со Генералниот конзул на Грција во Битола, Александро Видури на која што двајцата се согласија дека општина Крушево и Грција имаат многу заеднички работи и соработката ќе продолжи со зголемен ангажман на двете страни.
„Соработката воспоставена меѓу двете земји отвори многу можности за соработка на локално ниво, а Крушево може да развие прекугранична соработка со многу градови од Грција. Исто така, имаме многу сличности со општини од Грција заради местоположбата и инфраструктурата. Затоа, почитуваниот Конзул на средбата изрази желба дека лично ќе се вложи во поголема соработка и помош на Крушево од областа на туризмот, економската соработка и културата“, изјави градоначалникот на општина Крушево по средбата.
Ова е прва посета на еден Генерален конзул на Крушево, а на средбата беше потенцирано дека Крушево има голема понуда и затоа веќе има неколку инвестиции од страна на грчки претприемачи.
На средбата присуствуваше и претставник од здружението Агиу Никола Васко Абаџи кое негува постојани контакти и продуктивни односи со соседната држава.