Претседателот Стево Пендаровски го осуди нападот на Русија врз Украина што неизбежно ќе води кон загуба на човечки животи и огромна материјална штета и во име на македонскиот народ изрази солидарност со украинскиот народ.
„Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина“, соопшти Пендаровски.
Претседателот итно свика седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за руската агресија врз Украина. Седницата ќе се одржи во Кабинетот на претседателот со почеток во 14 часот.