Покачување на цените на тутунот по класи, сразмерно на покачувањата на трошоците за производство и трошоците за живот. Линеарно субвенционирање за секој произведен, предаден и откупен тутун по сите класи по цена од 90 денари за килограм вклучително и за реколта 2021-ва како и вклучување на тутунарите во мерката зелена нафта. Ова се барањат на новоформираните тутунскии здруженија кои ќе ги достават до сите надлежни институции. Оваа нивна реакција доаѓа по онаа на Сојузот на земјоделски здруженија кои реагираа дека нема да ги потпишат новите договори со откупувачите ако останат старите цени на жолтото злато.
„И треба овие барања да се земат веднаш во обзир затоа што наредната реколта која сега ни следува верувајте дека тутунарите се во неможност да ја отпочнат биидејќи 2 години последователно работат со загуба. Она што сакам да потенцирам и да алармирам е дека оваа реколта верувајте ќе биде вонредна реколта, бидејќи во регионот ни се случуваат ситуации кои ние како држава не можеме да ги превенираме и порадии тие импликации ние ќе имаме економски кризи. Неблагодарно е откупувачите да оперираат сега со цени за производи кои ние ќе ги продаваме и пласираме во декември или јануари идната година. Кој ќе тврди дека според овие трошоци кои сега се во моментов, а се зголемуваат секој ден, дека вредноста на овие цени по класи ќе има некаква вредност во јануари идната година“, изјави Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија.
Дел од членовите на новоформираните тутунски здруженија повторно се пожалија дека поради тоа што постојано се борат за правата на тутунарите биле обесправени од тутунските компании, а на некои од нив сега воопшто никој не сака да им склучи договор. Не знааат како понатаму.
„Еден од комбинатите ме исклучил, пред 15 минути ми најавија дека ќе бидат вклучен во системот со само еден декар. Тоа е околу 200 килограми тутун. И тука го повикувам пред се инспекторатот, Сојузот на земјоделски здруженија, да ми објаснат зошто јас годинава сум како без договор со само 1 декар. А 25 години јас произведувам тутун од 1.800 до 2.000 килограми годишно, произведуваме фамилијарно без аргати илии друга помош. Досега садев тутун на површина од 10 до 15 декари во зависност од годината“, додаде Флоре Грујоски, претседател на тутунско здружение „Могила“.
Доколку не се решат овие проблеми тутунарите се заканија дека повторно би можеле да ги активираат протестите.