14 дена нема ниту трага, ниту глас, од 10 годишниот Петар Џобески кој исчезна кај селото Врбско, во прилепско Мариово. Иако теренот се пребаруваше и на најнедостапните места каде би можело да биде 10 годишното дете, тоа не се пронајде. Спасувачки тимови во кои дел беше и Дарко Неданоски, изведоа и две крајно опасни акции. Неданоски влезе во старите окна на фабриката „Партизанка“, длабоки 70-тина метри, каде постоеше опасност и за неговиот живот, бидејќи таму нема влезено никој повеќе од 40 години. A се трагаше и со чамец по течението на Црна река, во период кога таа има најголем водостој, но и во оваа крајно ризична акција не се пронајде Џобески.
„Во окната мораше да се носат боци за дишење бидејќи е штетно за нашето здравје и тело. Кога се спуштив долу наидов на 3 тунели, двата беа затрупани, а едниот водеше во понатамошниот правец. Го пребарав и него во тој дел, но за жал не најдов никакви траги. Другата акција беше пребарување во самата Црна река и за жал и таму немаше никакви траги и знаци“, истакна Дарко Неданоски, дел од спасувачкиот тим.
Во моментов најголем проблем во потрагата е снегот и лошите временски услови. Досега најмногу во потрагата е вклучена погранична полиција Старавина, подрачно одделение Витолиште.
„Сега треба да продолжиме да бараме во радиусот, се зголемува тој периметар околу селото. И секако во тие тешко пристапни места бидејќи станува збор за големи хектари со густа шума, тешко пристапна шума за движење“, додаде Неданоски.
Но познавачите од теренот и експертите за ваквии ситуации, кои не сакааат да зборуваат јавно велат дека акцијата се води без поголема координација помеѓу институциите, за жал нема потрага по Петар секој ден или и да има таа е со многу мал број на луѓе. Само одвреме на време има акции со повеќе учесници. А најголемата грешка била што кога исчезна Џобески не се постави кризен штаб во селото и теренот не се пребаруваше 24/7, минимум една недела според некои протоколи. Дури имало и денови кога во селото и куќата на Џобески воопшто и немало луѓе.