Владата на седницата одржана вчера донесе одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со цел се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните, изјави на денешната прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
„Согласно Одлуката од денеска 11 март, па до 20 март, односно во времетраење од 10 дена забранет е извоз на следните производи:
-пченица и наполица,
-јачмен,
-пченка,
-брашно од пченица и наполица,
-семе од сончоглед,
-масла од семе од сончоглед.Имајќи ја во предвид инвазијата на Русија во Украина и реперкусиите кои што оваа ситуација ги има не само на европските, туку и на светските пазари можам да кажам дека сега живееме во една од најголемите светски економски кризи.
Целта на оваа мерка е заштита на домашниот пазар и на граѓаните во време на криза“, рече Бектеши.
Според министер Македонија има доволна количина на залихи од пченица и пченка за покривање на домашните потреби.
„Приватните млинови/компании во земјата располагаат со преку 50.000 тони залихи од пченица, преку 10.000 тони пченка и над 8.000 тони јачмен што се должи на растот на домашното производство на пченица од 195 илјади тони во 2017 година, на 253 илјади тони во 2021 година.
Доколку се појави потреба, државата е подготвена и за дополнување на стоковните резерви, но за тоа во моментов нема потреба. Граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации, да не се грижат“, истакна Бектеши.