Податоците покажуваат дека од вкупно попишаните лица 54,25 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 Турци, 1,18 се изјасниле како Срби, 0,87 се Бошњаци, а 0,34 отсто се Власи, информираше директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Од резидентното население како Македонци се изјасниле 58,48 отсто од граѓаните, 24,3 се Албанци, 3,86 се изјасниле како Турци, 2,53 како Роми, 0,94 отсто се Власи, а 0,87 отсто Бошњаци.
Од нерезидентното население, пак, што значи македонски граѓани кои надвор од државата повеќе од 12 месеци и странци кои се во земјава помалку од 12 месеци, 24,45 отсто рекле дека се Македонци, а 66,36 Албанци, 4,79 се изјасниле како Турци, 1,02 Роми 0,19 Власи, а 0,35 Срби.
Директорот Симовски рече дека се попишани над 598 илјади домаќинства, а просечното домаќинство брои 3,06 членови. Најмала општина е Зрновци, а најголема Куманово. Густината на населеност на 1 км2 во Македонија изнесува 72,2 луѓе.
На 1.000 жени има 984,3 мажи, што значи дека жените се побројни.
Симовски на крајот од своето обраќање рече дека Податоците ќе се објавуваат сукцесивно, до крајот на годинава, за вкупното резистентно и нерезистентно население и според возраста и веросиповеста, јазикот, бројот на станови по општини, како и за образовните и други карактеристики на населението.
„Горд сум за завршениот попис и резултатите, горд на целиот тим што го изврши пописот и изразувам благодарност до граѓаните што се вклучија во најважната статистичка операција. Продолжуваме да бидеме статистички поддржувачи на процесот на развојот на државата“, рече Симовски.
Илми Селами, заменик директор на Дравниот завод за статистика рече дека изразува надеж дека резултатите од пописот ќе бидат прифатени затоа што се многу значајни за развојот на државата и за креирање на идните политики на државата.