Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири е осомничен за изигрување на тендерска постапка, што заедно со двајца Хрвати незаконски му овозможило да присвои 145.000 евра. Моментално Зекири е пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд, а Обвинителството за организиран криминал и корупција бара притвор.
Според сознанијата на обвинителството, Зеќири во периодот од април 2021 до јануари 2022, како генерален секретар на Владата, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940.000 евра на штета на буџетот на С. Македонија. Износот бил поголем за 145.400 евра, бидејќи договорениот износ за вршењето на консултантски услуги бил 795.000 евра“, информираат од Обвинителството.
Обвинителката за борба против организиран криминал, Вилма Русковска изјави дека веќе има сознанија каде се парите. Според Русковска, предметот за проневера против генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, и уште двајца хрватски државјани, Обвинителството за организиран криминал го добило уште во втората половина на 2021 година.
„Од тогаш, надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден стигна и последното известување, по што надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените. По таа мерка, Судот ќе одреди како ќе постапува понатаму“, вели Русковска.
Сознанијата на обвинителството се дека осомничените хрватските државјани се надвор од земјата, односно дека тие веќе се во Хрватска. Таа најавува дека ќе стапат во контакт со хрватските колеги, на кои ќе им ги достават доказите коишто ги поседуваат, па доколку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање може да биде во Хрватска.