ВИДЕО – И по 7 години од „Диво насеље“ нејасно е што се случуваше тогаш, ниту пак некој понесе одговорност


И по 7 години од „Диво насеље“ се уште не е комплетно јасно што точно се случуваше на 9 и 10 мај 2015 година во вооружената престрелка во Куманово со групата терористи, при што загинаа 8 мина припадници на македонските полициски единици. Меѓу нив е и 27 годишниот Ненад Серафимовски, припадник на Единицата за специјални задачи „Тигри“, по татко од с. Зубавце, гостиварско, а по мајка од Прилеп. И годинава на неговиот споменик во паркот кај Основниот суд во Прилеп се положи свежо цвеќе. Роднините на Ненад, на третата годишнина од неговото загинување, со сопствени средства, му подигнаа споменик во Прилеп, за, како што велат, да имаат каде да се исплачат, а и да му оддадат почит.

„Чувството е претешко, не можеме никогаш да го заборавиме. Не ни е јасно како дојде до таа ситуација да го изгубиме толку млад, не само него, туку и другите што беа со него….Тие беа многу млади, имаа живот пред себе..Треба некој голема одговорност да понесе“, изјави Сузана Џуракова, тетка на Ненад Серафимосвски.

Освен семејството свежо цвеќе положија и претставници на Општина Прилеп и припадниците на МВР.

„Животите на 9-ти мај 2015 ги дадоа за одбрана на татковината и беа на службена должност и сметам дека ова е најмалку што може ние како општина, односно како Совет на општина Прилеп да направиме. Cепак сме 21 век и мислам дека сите отворени прашања можат да се решат на зелена маса, односно по мирен пат, а не со вакви безобразни напади врз безбедносните сили на нашата татковина“, – изјави Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп.

Инаку од 37-те обвинети за тероризам во Диво Насеље 7 мина добија доживотна казна затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, 6 по 20 години, еден обвинет 18 години, 2 по 14 години, 2 по 13 години затвор и 2 по 12 години затвор, а имаше и 4 ослободителни пресуди.

Во оваа вооружена престрелка загинаа:

Љубиша Аранѓеловиќ (49), од Скопје
Бобан Ивановиќ (47), од с. Стајковци, Скопје
Горан Стојменовиќ (45), од Миладиновци, Скопје
Горан Илијевски (41), од Гостивар
Жарко Кузмановски (34), од с. Брвеница, Тетово
Сашо Самојловски (33), од с. Брвеница, Тетово
Исамедин Османи (32), од с. Студеничани, Скопје
Ненад Серафимовски (28), од с. Зубовце, Гостивар

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи