Меѓународна конференција насловена како „Квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина“ ќе почне денеска во Скопје, а ќе трае до среда.
Конференцијата ќе ја отворат премиерот Зоран Заев и претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.
Целта на тридневната конференција е да се отвори јавна дебата за тоа како најдобро да се забрза реформата на образовниот систем и да се подобри квалитетот на образованието за да се намали јазот меѓу земјата и успешните образовани системи.
На конференцијата ќе присуствуваат околу 500 учесници кои ќе имаат можност да слушнат меѓународни образовни експерти, реномирани лидери и поборници за квалитет, рамноправност и ефикасност на образовните системи.
Тие ќе ги споделат најновите водечки сознанија за иднината на наставните програми, градењето карактер преку образование, образованието во раното детство и инклузивното образование, како и за наставните иновации.
На првиот ден од конференцијата, меѓународните експерти проф. Мајкл Вотерс од Универзитетот во Вулверхемптон, Велика Британија и поранешен директор за наставна програма и проф. Џејмс Артур од Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија, ќе одржат воведни презентации за водечки глобални сознанија за тоа како секој ученик да го даде најдоброто од себе и како младите на училиште да изградат карактер и вредности.
Министерската за образование Рената Дескоска ќе ја отвори сесијата за различните перспективи и предизвици во обезбедувањето квалитетно образование на која Кристиан Аедо, раководител за образование во Светска Банка за Европа и Централна Азија и Елизабет Фордам, виш советник за глобални односи за образование и вештини од ОЕЦД ќе споделат глобално знаење за клучните фактори за подобрување на учењето и стекнувањето вештини.
Експерти од Словенија, Хрватска, Албанија и Србија, земји кои успешно работат на подобрување на квалитетот на образованието ќе споделат практични искуства од регионот.
Признавајќи го влијанието што предучилишното образование го има врз подготвеноста за училиште и успехот во школувањето, во текот на вториот ден, под водство министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, светскиот експерт проф. Анџелика Понгута од Медицинскиот факултет при Универзитето во Јејл ќе ги сподели најновите сознанија за раниот детски развој како основа за човечкиот развој.
Оваа сесија е од критично значење со оглед на моменталната стапка на опфат во предучилишно образование од 40 отсто во споредба со таргетот на ЕУ од 95 отсто.
Во текот на вториот ден од конференцијата ќе се одржат две панел дискусии. Првата ќе се фокусира на квалитетно инклузивно образование со цел да се дискутира за начините за подобрување на пристапот и постигнувањата на децата со попреченост во редовното образование.
Моментално само едно од четири деца во земјата посетува основно образование (28 отсто) и само 4,7 отсто од децата со попреченост посетуваат предучилишно образование.
Втората панел дискусија ќе отвори дебата за тоа како да се искористат богатите податоци достапни од меѓународните оценки, како што е рангирањето на Програмата за меѓународна оценка на учениците (ПИСА), каде што нашата земја е рангирана на број 67 од 70 земји.
Паралелно со конференцијата на дводневниот хакатон ќе се вклучат тимови од експерти и млади луѓе за да посочат нови иновативни подрачја со кои ќе се подобри квалитетот и инклузивноста на образованието.
Тимовите ќе презентираат идеи и иновативни решенија на последниот ден од конференцијата како предизвик на традиционалните образовни парадигми и ќе претстават нови технолошки можности и иновативни практики за движење на модерното образование напред.
Настанот е организиран под водство на Владата, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ.