ВИДЕО – Заврши Пиво фест – Македонските музичари докажаа дека можат да соберат огромен број на посетители


Синоќа заврши 18-тото издание на најголемата и најпозната фестивалска манифестација во Македонија „Пиво фест“ за која слободно можеме да кажеме дека повторно полека го враќа препознатливот сјај. Како и претходните години забавата започна во четвртокот на 14 јули, а траеше се до денеска до раните утрински часови. Според проценките на Општина Прилеп која е поддржувач на Фестивалот за изминативе 4 дена Прилеп го посетиле над 100.000 гости, а овој Фестивал има големо значење за прилепската економија. Заслуга за добрата организација според градоначалникот имале сите чинители вклучени во организацијата, a најмногу граѓаните.

„Заслуживме и заслужија сите подеднакво почнувајќи од естрадните уметници, угостителските објекти кои имаа и свои штандови, а најголема заслуга сигурно заслужуваат нашите граѓани, прилепчани кои што достоинствено излегоа и во масовен број, но и прекрасно се однесуваа за сите овие 4 фестивалски денови. Низ овие 4 дена поминаа повеќе од 100 – 120 илјади посетители, меѓу кои имаше и присутни од нашата дијаспора“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

За овие 4 дена публиката ја забавуваа досега рекорден број на изведувачи, а акцентот беше ставен на македонската музичка сцена, со само неколку странски мизучари. Музиката ги задоволуваше сите вкусови на посетителите, од фолк, поп, рок, па се до алтернативната сцена со македонски диџеи, која беше наменета претежно за помладите, а која програма започнуваше некаде после 1 часот после полноќ, на Камената бина во центарот на градот, откако ќе завршеше програмата на главната бина. Фестивалот и покрај огромната посетеност помина без ниту еден инцидент.

„Македонските артисти покажаа дека можат да соберат повеќе од 30, 40 па и 50 илјади публика на вечер, особено во петокот и саботата, саботата како најкулминантна. Докажавме дека она што го очекувавме и го добивме. Целата организација, особено техничкиот дел, делот на обезбедувањето, презадоволни сме исто така од агенциите кои обезбедуваа на фестивалот, но исто така сме многу задоволни од полицијата која во координација со обезбедувањето работеше беспрекорно и Прилеп беше еден мирен град, весел и радосен секоја вечер“, изјави Пеце Стоикоски, организатор на фестивалот.

Големо улога за да се изгледа како што треба имаше и ЈКП Комуналец  кој веднаш после завршувањето на секоја вечер започнуваше со чистење на центарот на градот. За 4 дена биле собрани 50 тони отпад, од кои биле селектирале 8 тони на пластика. Организаторите ветуваат уште поголема забава наредната година, со многу повеќе посетители и поголеми музички ѕвезди.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи