По повод кампањата за превенција од пукање на семејни веселби и други прослави СВР Битола ги информира граѓаните дека се преземаат интензивни мерки за контрола и превенирање, со цел спречување на пукање од огнено оружје, неовластена употреба на огномети и користење пиротехнички средства на свадби и други веселби.
Исто така упатуваме апел до граѓаните на подрачјето на СВР Битола да се воздржат од пукање со огнено оружје, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време стануваат зачестени при свадбени и други прослави.
Неовластеното пукање на семејни веселби може да биде санкционирано како прекршок и да биде кривично дело.
Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок, согласно член 31 се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик).
СВР Битола апелира дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полиција. Истото се однесува и на други свечености кои ќе се организираат по различни поводи.
Упатуваме апел дека присуството на полициските службеници ќе бидат зачестено на терен и ќе вршат контроли на планот на откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.