ВИДЕО – По 6-ти пат во Крушево се одржа меѓународниот ФИС ролер ски куп „Тоше Проески“


По 6-ти пат во Крушево викендов се одржа меѓународниот ФИС ролер ски куп „Тоше Проески“. Учесниците се натпреваруваа на патот Кривогаштани-Крушево, а беа поделени во 4 категории, со различни стартови и тоа мажи на 12 км., жени на 6 км, трка 3 км. за деца до 14 години и трка на 2 км. за деца до 12 години. Имаше  74 натпреварувачи од Македонија, Грција, Бугарија и Молдавија.

„Ги трасираме овие патеки како зближување помеѓу двете општини, но и еден вид на збогатување на оваа спортска манифестација. Целта е промоција на овој спорт и привлекување на млади таленти кои во иднина би тренирале и би се занимавале со овој спорт“, рече Ѓоко Динески, организатор на ФИС ролер ски куп „Тоше Проески“.

Ролер скиите се одлична имитација на скиите во лето и од 2016 година Меѓународната скијачка федерација ги стави овие натпревари на официјалниот календар и тие се бодуваат како и зимските натпревари.

„Ролер скиите се малку полесни од скијањето, според мене. Затоа што на летните трки е малкку полесно, а скијањето зависи како ќе ти се погодат скиите. Овде треба да се има добра и физичка и психичка подготвеност“, истакна Благоја Најданоски, учесник на натпреварот.

 

„Услови има доволно за да се развива овој спорт. Не е многу популарен кај младата генерација, порано имаше повеќе. Но бара овој спорт многу вложување и труд, а младите бараат нешто полесно“, кажа Дамјан Пејчиноски, учесник на натпреварот.

Тука беше и нашиот олимпиец Ставре Јада.

„Од досегашниот тек на сезоната сум задоволен, се надевам дека ќе остварам прво место и два добри резултати. Треба почесто да се прават вакви натревари во Македонија, веќе ги има два, овој и уште еден ќе се организира во септември на Пониква, кај Кочани. Овие натпревари се и тоа како главни за зимската сезона затоа што на нив се гради таа форма која ќе ни биде потребна во зимата“, додаде Ставре Јада, учесник на натпреварот.

Oрганизатор  на купот е Скијачката федерација на Македонија и клубот „Олимпик ски“ од Крушево, а покровител е МВР.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира