Искинати кабли за кои жителите тврдат дека се уште се под напон лежат на покривите во прилепското село Загорани, откако вчера ова населено место беше погодено од невреме, проследено со силен дожд и ветар и кое уништило дел од електричната инсталација низ селото.
Жителите се крајно револтирании и стравуваат за својот живот поради каблите кои им висат над главите. Од страв да не им прегорат електричните уреди сами ја исклучиле струјата во домовите и сега практично 24 часа се без електрична енергија.
Иако се обидувале да го пријават случајот во ЕВН никој не им се јавувал. Случајот го пријавиле и во Центарот за управување со кризи од каде им рекле дека се запознати, но засега никој не дошол во селото.
Во соседното село Веселчани пак исто така од прекинат кабел од невремето угинала една крава од струен удар откако се допрела до кабелот. Жителите бараат итна реакција на надлежните.