Параглајдерскиот клуб Sky Riders од Прилеп на 02, 03 и 04 септември 2022 година ќе организира Едриличарски камп на Спортскиот аеродром во Мало Коњари. Настанот има меѓународен карактер и истиот се реализира во партнерство со Fly Dardania од Приштина, Аеро клубот Наша крила од Параќин и Центарот за иновации и развој Инос од Прилеп. Кампот е дел од активностите предвидени со проектот “Bird’s Perspective from Balkan Clean Sky” кој финансиски е поддржан од Western Balkans Fund.
„Проектот има за цел да го промовира и брендира едриличарскиот спорт, како и да го зголеми интересот за овој спорт, особено кај младите луѓе. Дополнително се фокусира на аерозагадувањето со цел да се подигне јавната свест и разбирање за овој проблем кој страшно ги погодува балканските земји. Во таа насока изработени се неколку едукативни видеа кои се однесуваат на едриличарството и аерозагадувањето. Останатите активности можете да ги следите на Sky Riders Prilep. “, велат организаторите на настанот.
Во неделата на 04 септември, настанот ќе се збогати и со Аеро збиранка организирана од страна на Аеро клубот Прилеп, каде пилоти од останатите клубови од земјата ќе ги презентираат своите воздухоплови преку демонстративни летови.
Организаторите ги покануваат сите заинтересирани на уникатната забава на небото во Мало Коњари. Учесниците ќе имаат единствена прилика да ги научат основите на едриличарството, да се дружат со пилоти од регионот, да летатаат со едрилица, да се едуцираат за различни модели на едрилици и да уживаат во единственото лебдечко искуство на небото.
„Исто така, ќе се разговара и за аерозагадувањето, особено за зимското загадување на воздухот коешто сите го гледаме и дишеме, и како треба да се менуваме за да го намалиме, како и за придобивките од спортувањето, за забавата кога се спортува во тим и за дружбите по летањето. Искусните пилоти ќе ги споделат своите интересни приказни и ќе ги покажат своите летачки способности со акробатски летови. Се надеваме дека едриличарскиот камп за многу од младите луѓе ќе биде одлична стартна точка и ќе го разбуди интересот за спортување, па… и нека не е на небото! Едриличарските клубови во земјата и во регионот располагаат со одлични едрилици и инструктори и пилоти, кои сакаат да го пренесат своето знаење и чувството на вистинска адреналинска возбуда.“, додаваат од Sky Riders – Прилеп.
Дојдете, видете, летајте со птиците, почувствувајте го небото околу вас …