Летото помина, но зад нас останаа многу несимпатични траги. И покрај неколкуте еко-акции кои што беа спроведени околу Прилепско Езеро, сепак, неговата околина е повторно преплавена со смет. Со ова, рекреирањето во овој предел повторно се претвора во прошетка низ ѓубре, наместо прошетка во природа, велат од МЕНЕЛАЈ Прилеп, Здружение за истражување, промоција, популаризација и заштита на културното наследство во Македонија.
„Прилеп, а најмалку нашите деца не го заслужуваат тоа. Поради ова, ги здружуваме силите со цел да ги отстраниме “страните елементи” – шишиња, кеси, хартии – и да и дадеме простор на природата, која секогаш знае двојно да возврати. Ги повикуваме сите граѓани на Прилеп кои се во можност, да се приклучат на оваа еко-акција и да повторно да го „светнеме“ рекреативниот центар, брегот и шумата околу Прилепско Езеро. Истовремено, ќе промовираме една помалку позната димензија на овој ареал, а тоа е културното наследство, присутно на самиот брег на езерото, со цел подигнување на свеста за просторот во кој живееме и неговото минато. На малкумина им е познато дека на самиот брег на езерото, многу одамна постоела вила која датира од римскиот период. Поради ова, во рамки на еко-акцијата, ќе биде посетена и локацијата на оваа вила и ќе биде одржано предавање за истата од страна на д-р Христијан Талевски. Своето учество во оваа акција веќе го потврдија: Еко Свест – Прилеп; ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп; Извиднички Одред Феникс – Прилеп; Прилепски Волонтерски Одред, Vege Bar Aura, како и голем број волонтери. Настанот ќе се одржи на 1 октомври, во 9 часот, збирно место – паркинг – Прилепско Езеро, а предавањето за римската вила ќе биде во 12:00“, додаваат од МЕНЕЛАЈ Прилеп.
Настан е волонтерски затоа се молат сите оние кои сакаат да бидат дел од него , да понесатѕ: вода, храна, алат (кој што е во можност) и се разбира добро расположение. 🙂