ВИДЕО – Прилепскиот затвор ќе добие браварска и ИТ работилница за да осудените се обучат и најдат работа по излегувањето


Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп во соработка со затворот од овој град и бизнис секторот започнува проект, прв од ваков обем и тип во Македонија, за ресоцијализација на лицата од затворот. Во казнено поправниот дом ќе се отворат 2 работилници, една браварска, една поврзана со ИТ секторот, каде осудените лица ќе се обучуваат за да после издржувањето на казната затвор веднаш најдат работа и бидат конкурентни на пазарот на труд.

Процентот на повратници во казнено поправниот дом е прилично висок, а нашата цел е што е можно повеќе да го намалиме тој процент и повеќе од осудените лица кои служат казна затвор да можат да се реинтегрираат во општеството и да не се враќаат назад повторно во казнено поправниот дом“, рече Даниела Цветаноска, коордиинатор на проектот.

Од прилепскиот затвор се надеваат дека овие работилници ќе помогнат многу во тоа да нема повторно враќање во затворот на осудените лица откако ќе излезат надвор. А помош во проектот ќе даваат и стручните лица од Центарот за социјална работа од Прилеп.

Искуствата во овој дел и во Европа и во светот се поделени, меѓутоа не ретко се случува да нема ефект во нивната ресоцијализација и реинтеграција. Но сепак колкав и да е процентот и делот на осудените лица кои што после ваквиот процес ќе се реинтегрираат во заедницата, сигурно вреди да се обидеме и да вложуваме средства и напори“, истакна Сашо Дамески, директор на затвор Прилеп.

 

Кога ќе завршат со издржување на казната затвор да не ги оставите пак да бидат во една ранлива положба. Во соработка со Агенцијата за вработување да се направи проценка на членовите на домаќинството кој е најдобро вработливиот член и на самото лице кое завршило со казната затвор“, додаде Дејан Тошески, директор на Центар за социјална работа Прилеп.

Веќе се пријавиле неколку компании од Прилеп кои сакаат да бидат дел од овој проект и кои сакаат да вработат вакви лица откако истите ќе се обучат во некоја област.

Бизнис секторот се соочува со доста голем проблем за квалификувана работна сила, така да ние ќе вработиме колку можеме и што повеќе и имаме потреба со иселувањето на младите лица во странство. Сакаме да се поддржи овој проект и да биде успешен, затоа што имаме потреба од нова работна сила“, изјави Маја Илиеска, приватен сектор.

Проектот ќе се имплементира во наредните 3 години, а е финансиран од Европската Унија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи