Министерот за финансии Фатмир Бесими информира дека следната година по основ на стари долгови, еврообврзница но и камати државата ќе треба да плати 1 милијарда и 40 милиони евра.
„Догодина доспеваат и стари обврски во износ од 800 милиони евра, меѓу кои и еврообврзницата од 450 милиони евра издадена од 2016 година. Каматите за наредната година изнесуваат околу 240 милиони евра, или вкупно доспеаниот долг заедно со каматите надминува милијарда евра“, пишува Бесими во својата колумна.
Буџетскиот дефицит ќе мора да се стеснува и да се оди кон постепена фискална консолидација.
„Сепак, имајќи ги во предвид сите мерки кои ги планираме во насока на фискална консолидација, ние остануваме на патеката на постепено намалување на дефицитот. Согласно контурите на буџетот за следната година, фискалниот дефицит постепено се стеснува, за да одговори на среднорочните таргети. Очекувањата за следната година се буџетскиот дефицит да се намали во однос на оваа година, со што ќе продолжиме веќе трета година по ред со намалување на дефицитот по 2020 година, односно по ковид-кризата“, вели Бесими.
Залагањата се во наредниот период да се работи на подобрување на наплатата на буџетските приходи преку зајакнување на административните капацитети и подобрување на услугите на УЈП и Царина, мерки за намалување на сивата економија и даночна реформа.