Од ноќеска на полноќ горивата ќе се продаваат по нови цени. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), малопродажните цени на еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 од полноќ се намалуваат за два денара за литар, па така, литар еуросупер БС-95 ќе се продава за 84,5 денари, додека малопродажната цена на еуросупер БС-98 ќе изнесува 86,5 денари за литар.
Малопродажната цена на еуродизел се намалува за 1,5 денар и од полноќ ќе се продава за 86,5 денари за литар.
Од полноќ со нови цени ќе се продаваат и екстра лесното масло за домаќинство и мазутот.
Екстра лесното масло поевтинува за еден денар за литар и ќе чини 82,5 денари, додека, пак, цената на мазутот се зголемува за 0,027 денари за килограм и ќе чини 41,81 денари.