ВИДЕО – Стафилокока пронајдена во хемокултурата кај починатата прилепчанка, се чека на резултатите од брисевите од болницата


Од земениот примерок за хемокултура на починатата 52 годишна прилепчанка во Центар за јавно здравје – Прилеп добиен е позитивен изолат на бактеријата стафилокока. Од Комисијата за Интрахоспитални инфекции во прилепската болница денеска соопштија дека по протокол биле земени 3 последователни хемокултури од кои само во првата било утврдено Staphylococcus epidermidis, а останатите 2 биле негативни. Инаку веќе 7 дена се затворени операционите сали на гинеколошкото, хируршкото и на ортопедското одделение во прилепската болница, по пријава за интрахоспитална инфекција, по смртта на прилепчанката која таму правела киретажа, а која после јавените компликации е препратена на Клиниките во Скопје каде починува наредниот ден.

По протокол уште пред добивањето на наодот од Микробиологија емпириски е отпочната комбинирана антимикробна терапија која беше соодветна на добиениот антибиограм од првата хемокултура. Наодот им беше соопштен на Клиниките на терциерно ниво каде пациентката беше трансферирана и на кои беше ординирана и проширена соодветна антимикробна и останата терапија“, велат од Комисијата за Интрахоспитални инфекции во Прилеп.

 Денеска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопштија дека бил извршен вонреден инспекциски надзор на ден 17.02.2023 по добиена информација од ЦЈЗ -Прилеп.

Од одделението за епидемиологија на Центар за јавно здравје Прилеп извршен е епидемиолошки увид по појава на случај на пациентка кај која е извршена интервенција на одделот за гинекологија после кој  се јавиле симптоми на сепса. Земени се примероци од нежива средина, испироци од раце на вработен здравствен персонал, извршени се вонредни здравствено-хигиенски прегледи, по што е препорачано затворање на операционите сали до добивање на  резултатите од земените примероци“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Во моментов се уште се чекаат резултатите земени од брисевите на одделенијата во болницата. Не се познати ниту причините за смртта на 52 годишната прилепчанка. Се чека извештај од обдукцискиот наод од Институтот за патологија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи