ВИДЕО – Младите од Прилеп бараат итно отворање на Младински центар


Младите од Прилеп бараат итно отворање на Младински центар. Собраните потписи од петицијата за отворањето на овој објект тие му ги доставија на градоначалникот Борче Јовчески и го потсетија дека Младинскиот центар е обврска на сите Општини согласно законот за Младинско учество и Младински политики, а беше и негово лично предизборно ветување.

Овој центар им е потребен на младите за да го поминуваат своето слободно време на креативен начин, притоа реализирајќи активности кои што се од нивен најголем интерес. Место каде што ќе може да се надоградуваат уметнички, едукативно, рекреативно“, вели Марија Ташкоска, програмски асистент во Младински совет Прилеп.

 

„Во моментов бидејќи немаме Младински центар времето најчесто го трошиме на социјалните мрежи и мобилните телефони. Што воопшто не е добро, бидејќи немаме дружење, ги расипуваме нашите сетила, видот и буквално залудно го трошиме времето“, кажа Ненад Кулески, член на Младински совет Прилеп.

 

„Со оглед на фактот дека во скоро секој град има Младински центар, но земајќи ја во предвид и нашата макотрпна работа и максимален труд докажуваме колку ни е потребен овој Младински центар“, истакна Милена Ѓуроска, активист во Младински совет Прилеп.

 

„Во моментов сме во процес на разговор со локалната самоуправа и се надеваме на брзо отворање на истиот“, изјави Едис Еминоски, активист во Младински совет Прилеп.

Од Општина Прилеп велат дека веќе разгледувале неколку објекти за оваа намена од кои треба да се одбере еден и тие простории да се уредат за потребите на младите.

„Општината веќе започна со процесот на тој закон и со имплементирање со деловите на тој закон, односно за почеток промена на статутот на Општината, тоа е прв чекор. Втор чекор е назначување на службеник за млади во Општината, кој ќе се грижи за младинските прашања. Следна фаза е формирање на Младински совет, чие формирање е при крај. И она кон сите целиме е отворање на Младински центар. Токму и овој настан денес е поттик повеќе за сите нас и за младите и за Општина Прилеп да се реализира тоа што е замислено и кое произлегува од законот за Младинско учество и Младински политики“, вели Гоце Бумбароски, службеник за млади во Општина Прилеп.

Се очекува за 5 до 6 месеци да биде соодветно адаптиран тој простор и младите во Прилеп конечно да го добијат тој Центар.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи