ВИДЕО – Кузмановски: Јас сум професионален пушкар и колекционер, поправам оружје, а не продавам, цел живот се залагам за негово легално и правилно користење


На најпознатиот професионален пушкар во Македонија, одржувач и поправач на оружје и еден од најголемите колекционери на пушки и пиштоли во држава, од кои некои се стари по 100 и повеќе години, Петко Кузмановски од Крушево, кај народот познат по прекарот „Сандокан“, МВР му направи претрес во неговиот дом и му го одзеде пронајденото оружје. Според полицијата било постапено по судска наредба и било одземено поголемо количество на оружје и муниција.

При претресот пронајдени се над 60 пушки, над 60 пиштоли и околу 2000 парчиња ловечка и боева муниција од различен калибар, како и разни делови за пушки и пиштоли. За случајот е известен Јавен обвинител. По целосно расчистување и документирање на случајот против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок“, изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Но во соопштението и изјавата на МВР нема конкретно објаснување за што точно е направен претресот во домот на Кузмановски и дали тие се сомневаат во нешто. Кузманоски денеска во телефонски разговор ни истакна дека и сам не знае зошто се случила акцијата на полицијата кога цела Македонија знаела дека тој е еден од ретките занаетчии кои што над 3 децении се уште се занимава со поправање на оружје и дека тој е колекционер на истото.

Кузманоски со гордост ни кажа дека бил еден од авторите на поставката со оружје во музејот Леарница во Крушево и дека за 30-тина години колку што се занимава со овој занает има поправено илјадници пиштоли и пушки од целата држава. Нема кој не го знаел што поседувал оружје за лов или спорт во Македонија. Вели дека целото одземено оружје било дел од колекцијата, дел негово за лов и спорт кое го поседува со сите дозволи и дел од оружјата кои му биле оставени од муштерии за поправање. Ги демантира шпекулациите дека оружјето било за продажба. Вели дека во целиот свој живот нема продадено ниту куршум. Истакна дека од голема важност е постоењето на ваквите работилници за безбедноста на корисниците на оружјето и сите околу нив затоа што голем проблем било немањето на вакви сервиси во Македонија. Цел живот се залагал за легално и правилно користење на оружјето.

Денеска поддршка за Кузманоски пристигна од дел од ловечките друштва и стрелачките клубови од Македонија.

Од МВР пак велат дека испитувањето за целиот случај бил во постапка, а што ќе се случува понатаму требало да покаже истрагата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи