Хидроцентралата „Чебрен“ е од огромно енергетско значење за Македонија, но државата ја испушти шансата да ја изградиме ние, со тоа што на грчка компанија Владата ѝ го довери стратешкиот проект „Чебрен“ е поразителна и штетна за целокупната енергетска независност на Македонија, сметаат од партијата Левица. Оттаму потенцираат дека локацијата што се дава на странски инвеститор е последната сериозна позиција за изградба на рентабилна хидроцентрала која е од суштинско значење за електроенергетскиот систем на државата.
„Во време на енергетска криза, отуѓување на секој потенцијал за државно производство на електрична енергија е дело против државноста и самостојноста на Македонија. Ваквата одлука на Владата значи дека електричната енергија што ќе биде произведена во Македонија со домашни ресурси, ние повторно ќе треба да ја купуваме на берза. Оваа природна „батерија“ ќе го закрепне целокупниот систем, ќе го намали притисокот врз термоцентралите и ќе ги балансира вишоците од дневното производство на фотоволтаиците. Поради овие причини овој капацитет мора да биде во 100% сопственост на Републиката, а не само 33%“, нагласуваат од Левица.
Оттаму оценуваат дека во услови на енергетска криза, Владата наместо да инвестира во енергетски капацитети, истата упорно ги распродава националните ресурси на странски компании, чиј профит ќе завршува во нивните стопанства.
„Ако ваквиот недржавнички чин на СДСМ се имплементира, дефинитивно ќе ја изгубиме и онака кревката енергетска стабилност, а со тоа и целокупната независност како држава“, велат од Левица.
Стратешкиот проект, тежок една милијарда евра, го добива компанија од надвор, во случајот од Грција и според експертите не дава надеж дека ќе станеме енергетски независни. Ваквата катастрофална енергетска политика, како што велат, каде бенефитот го има грчкиот капитал, е продолжување на политиките на Заев и Анѓушев. Потсетуваат дека бившиот вицепремиер Кочо Анѓушев, ја продаде својата компанија ЕДС, формирана со капитал од 5 илјади евра, на државната грчка енергетска компанија за 4.8 милиони евра, под сомнителни околности, со оглед на тоа дека грчкото електростопанство во време на купродажбата беше во банкрот.
Го поставуваат прашањето: чии интереси се штитат со приватизацијата на Чебрен од страна на грчка компанија.
„Владата на Ковачевски, во услови на енергетска криза, наместо да инвестира во енергетски капацитети, истата упорно ги распродава националните ресурси на странски компании, чиј профит ќе завршува во нивните стопанства. Ако ваквиот недржавнички чин на СДСМ се имплементира, дефинитивно ќе ја изгубиме и онака кревката енергетска стабилност, а со тоа и целокупната независност како држава“, се потенцира во соопштението на Левица.