Фантастичен успех на македонците на фестивалот „Cheese“ во Бра: Кога ќе кажеш сирење, мислиш на земја со илјада вкусови

На 11-то издание на „Cheese“ што викендов се одржа во Бра, Италија, Слоу фуд Македонија се врати со констатација дека нашата земја има на што да биде горда. Едноставно: дојдовме, видовме и победивме!

Овогодишната прослава на сирење и млечни производи ги собра мајсторите за сирење, сточарите, производителите и експертите од целиот свет: имавме квалитетна промоција на македонските сирења, вина и на традиционалната кујна, за што сведочат редици посетители пред македонскиот штанд.

Слоу Фуд Македонија се врати со награди и признанија како доказ за посветеноста и трудот: престижната „Resistenza Casearia“ за отпор при производството на млечни производи ја доби нашиот Давид Неделковски од „Кози млеко планина“.

Елена Каровска- Гошевска, програмски координатор во Слоу Фуд Македонија  учествуваше на конференцијата: „Септември: време на сезонско селење на стоката“. Овој настан е организиран во соработка со Културниот институт за прехранбено наследство а говорници беа и Леандро Вентура, директор на Централниот институт за нематеријално наследство, Виола Марчели, претставник на заедницата на Слоу Фуд во Аквилано за трансхумантно земјоделство и Антон Газенбек, претседател на Групата за земјоделство, биодиверзитет и клима.

Македонија беше во центарот на внимание и преку работилницата Taste Macedonia, во која професорите Слободан Чокревки и Анѓела Пасквале ги презентираа нашите гастрономски традиционални брендови преку храната што ја приготвија готвачите Димитар Арнаудоски и Пеце Клечкароски. На менито беа сирењата, урнебес салата, пинџур, тавче гравче со пастрма и Мијачки десерт.

Инаку, на фестивалот за сирење се случија 122 настани, промоции и работилници:

Горан Алексовски, член на президиумот Македонска пчела (MacBee), во Бра го презентираше медот од неговиот пчеларник во сопското село Р’жаничино,

Во многуте дегустации на фестивалот на сирење инспиративна беше и работилницата – Спарување на сирењата со италијански мускат вина“, каде учестува претставници на Швајцарија, Босна и Македонија: козјото сирење на Даниел Мирчески од Прилеп, во спомнатиот контекст беше гастрономска егзибиција што мора да се вкуси.

Македонските адути – биеното сирење од Мариово, што го произведува Спасе Чакревски, козјото од Даниел Мирчески од прилепскиот регион и овчото на Арбана Маркоска од Прилеп, исто како и македонските вина предизвикаа огромен интерес на многубројните гости во Бра.

Претставувањето на Македонија преку Слоу Фуд Македонија беше овозможено преку Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а организаторот на „Cheese“е Slow Food International  и градот Бра со подршка на регионот Пиемонте.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи