На 28.10.2023, сабота од 19.00 ч. во киното Мис Стон концерт ќе одржи хорот БИТВОКС – ГЛАСОТ НА БИТОЛА (BITVOX)
Почетокот на 2022 год., заситени од поспаноста во сите сфери, предизвикана од Ковид 19 пандемијата, битолските врвни музичари професорите Марина Коруновска и Александра Ристовска одлучуваат своите знаења, искуства и енергија да ги споделат, пренесат на млади и повозрасни ентузијасти и да ја живнат градската културно-музичка енергија преку создавање на поп-рок хор за возрасни, кој својата светлост на денот ќе ја види во март, 2022 година преку организирањето на две последователни аудиции, на кој ќе се пријават преку 40 љубители и ентузијасти за пеење, музицирање. Сите аматери со скромна или никаква музичка поткованост, но со огромно срце, љубов, основна музикалност и талент за хорско пеење и негување на поп-рок музиката. Така започнува да живее “Битвокс”, хорот кој е ентузијастички музички одговор на возрасните, на веќе постоечкиот, еминентен детски хор во Битола и подалеку “Ѕвончиња”. Името доаѓа по двемесечниот спој на енергиите на членовите, кои заеднички одлучија да направат уметнички превод на нивното мото: ГЛАСОТ НА БИТОЛА. Тоа останува и главното мото на овој хор – да ги шириме позитивните вибрации преку музика, работа од срце и сплотеност и во Битола, но и подалеку велат од хорот.
Хорот “Битвокс” донесе нов бран на надеж меѓу сите генерации во градот. Негување и промоција на популарната музика од сите ери, преку обработки на евергрини, познати музички нумери на светски изведувачи, но пред сé, во секој наврат, негување и оживување на квалитетната македонска музика.
Непишаното правило во хорот е, при секоја етапа од создавање на репертоарот да има по една поп-рок песна од битолски изведувач. На тој начин покрај негувањето на различностите и величење на квалитетот на светската музика ( од англиско јазично наречје, српско, хрватско, германско, италијанско, шпанско), примарно е негувањето и овековечување на македонската и битолска музика, преку оригинални аранжмани кои повторно ќе не потсетат колку е убава нашата музика, нашиот певлив јазик.
Влезниците за концертот се продаваат на билетарницата од киното од 10 до 13 ч. секој ден и два часа пред концертот.