ВИДЕО – Тешко дека и оваа година Прилеп ќе добие нова градинка


Историско стана отворањето на новата градинка во населбата Точила во Прилеп која треба да згрижи 250 дечиња. Своето светло требаше да го види уште кон крајот на 2021 година, но тоа не се случи. Од тогаш па се до денес од непознати причини, никогаш јавно кажани, се одложуваше градбата и се потпишуваа анекси за пролонгирање на градбата.

Прво се доцнеше поради недостатоци кои изведувачот требаше да ги санира, па се чекаше да се изгради ограден ѕид, кој не бил планиран во проектот, се чекаше да стигне и опремата и инвентарот кој требаше да го обезбеди Министерството за труд. Сега според Општината конечно биле решени сите пречки, се чекало да се направи технички прием, внатрешен премер на објектот и истиот да се заведи во катастар како имот на Општината. Но колку ќе оди ова и тоа не се знае, ниту зошто досега се децнеше со градбата толку многу.

Дали за оваа состојба причина е слабата координација помеѓу централната и локалната власт, кои се од две различни политички партии, дали незнаење што и како треба да се работи, дали бирократски процедури или пак нешто сосема друго, засега останува енигма.

За тоа дека нема сигурно оваа година да се случи отворањето на градинката говори и тоа колку ли само бирократски процедури треба да се поминат сега во моментов за да се добијат само одобренијата за вработувања, без времето потребно за другите процедури.

„Првиот филтер е помината во соработка со Министерството за труд и социјална политика и таа систематизација за работните места се наоѓа во моментов во Министерство за информатичко општество и администација. Соработуваме со вработените во оваа министерство, имаа неколку забелешки, од наша страна се отстранети и повторно е вратен на разгледување во ова Министерство. Откако ќе добиеме согласност од Министерството за информатичко општество и администација систематизацијата треба да добие согласност и од Министерството за труд и социјална политика. Од тука ја враќаме во рамките на нашата Општина од каде Советот на Општината  треба да даде согласност за систематизацијата на работни места. Крајниот чекор значи е откако Советот на Општината ќе даде согласност за систематизацијата и внатрешната организација Министерството за финансии да ни одобри средтства за нови вработувања“, вели Христина Трпчекска, в.д. директор на градинки „Наша Иднина“ – Прилеп.

За да започне со работа градинката потребни биле околу 40 вработени, од кои 10 воспитувачи, 16 негуватели, поголем број технички персонал и нови вработувања во кујната која ќе готви за сите градинки во Прилеп. Но ако не се случи тоа за брзо време, со оглед на тоа дека не очекуваат избори, најверојатно тогаш градинка би се отворила дури после изборите идната година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи